Екипата на Јувентус прокнижи нови три бодови по триумфот на гостувањето кај Сампдорија со 3:1 во рамките на 29. коло на Серија А. Четата на Макс Алегри не блескаше но имаше среќа по првиот половина час да направи предност од два гола со што ја задржа до крајот.
Во 23 минута по нафрлување од десната страна Јошида си ја смести топката во мрежата и донесе водство за Јуве. Десеттина минути подоцна судијата покажа пенал за „Старата дама“ по прекршокот што го направи Омар Којли. Мората ја презеде одговорноста и погоди од 11 метри.
Во 74. минута „морнарите“ можеа да се вратат во игра. Добија пенал, меѓутоа шутот на Кандрева го одбрани Шчесни. Сепак, десет минути подоцна Сабири даде искра надеж со гол за 1:2, но ги „закопа“ Мората со својот втор гол на мечот и за конечна победа од 1:3.
Јувентус по 29 кола има 56 бода, еден помалку од третиот Наполи, и два помалку од вториот Интер односно четири помалку од лидерот Милан. Да кажеме дека Наполи и Милан имаат меч помалку, а Интер два меча помалку.
Сампдорија е на 16-тата позиција со четири поени од опасната зона.