Ждрепката сакаше токму Шкупи и Работнички да го отворат 23.коло или третиот “бергер“ круг во тековната сезона во ПМФЛ. Две скопски екипи кои денеска од 15 часот на Чаир ќе се борат за бодови, но ќе се борат и за превласт во главниот град.
Не е тајна дека лидерот е фаворит, игра добро, игра одлично, а денеска ќе ја има и поддршката од своите верни фанови – „шверцерите“ кои по пауза од два меча поради казната за клубот, ќе се најдат на трибините. Секако дека ова за четата на стратегот Гоце Седлоски многу значи. Па сите знаат дека Шкупи со „шверцерите“ е посилен, многу посилен.
Работнички доаѓа на Чаир свесен за своите можности кои се покажаа дека не се мали. Да се победи Шкендија не е мала работа, а и факт е дека тимот на Христов од коло во коло игра се подобро и подобро. Така да нема да биде изненадување било кој резултат денеска на Чаир во “битката за Скопје“.
Најважно за оние неутралните, ако ги има такви денеска на Чаир, да видат квалитетен фудбал, како што обично прикажуваат овие два клуба кога играат.