Македонската ракометна репрезентација целосно се врти кон пласман на ново Светско првенство. За разлика од претходните години, овој пат селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци ќе мора да минат две фази.
Прва пречка е Романија. Првата средба се закажан за 17. овој месец во СЦ „Борис Трајковски“ (билетите се пуштени во продажба), додека пак реваншот е закажан за два дена подоцна во Букурешт. Доколку Македонија го мине овој бараж, ќе игра против Чешка за место на Мундијалот 2023 година.
Лазаров собирот го закажа вечерва во хотелот „Александар Палас“. На прозивката нема да бидат присутни сите репрезентативци, дел од нив денеска играат мечеви со своите клубови. Меѓу нив е нашиот предводник, кој со Нант го игра дербито против ПСЖ (16 часот), додека пак ќе доцнат и двајца од тројцата Германци.
Филип Миркуловски и Жарко Пешевски исто така имаат обврски со своите Вецлар и Штутгарт.
Она што е најважно дека од утре, кога репрезентативците стартуваат со тренинзи тимот ќе биде комплетен.
Лазаров повика 21 ракометар, меѓу нив се најде Павле Анастасијевиќ и пикерот Марко Стојаковиќ. Во составот се враќаат Никола Маркоски и Томислав Јагуриноски. Го нема Бојан Маџовски, како и Дејан Манасков, кој и натаму е надвор од терените. Лазаров нема да смета на Марко Мишевски, кој исто така има проблем со повреда.