Македонската ракометна репрезентација вечерва го имаше официјалниот собир пред стартот на мини подготовките за бараж двомечот со Романија за СП 2023. На прозивката не беше селекторот Кирил Лазаров, како и Жарко Пешевски, Филип Миркуловски и Никола Митревски, кој последен ќе се приклучи. Првиот тренинг Македонија ќе го одржи утре наутро, има три дена да скрои тактика за пресметката на 17 овој месец во Скопје.
Еден од најискусните репрезентативци, Гоце Георгиевски, смета дека Романија е еден од потешките противници.
“На хартија ние сме фаворити, носители сме во овој бараж против Романија, но можам да кажам дека добивме еден од најтешките можни противници. Романија е доста квалитетна репрезентација според мене. Нѐ очекува еден тежок двомеч. Познат противник веќе игравме еден бараж со нив, но и кај нив и кај нас оттогаш има многу сменети работи. Мислам дека немавме среќа во оваа ждрепка, но тоа е што е фаворити сме и мора да ја оправдаме таа улога. Во Романија главниот акцент беше и на женскиот ракомет и сѐ уште е така, но машкиот ракомет во последниве години зема голем замав. И самото враќање на Чави Пасквал за селектор и поставување за тренер на Динамо Букурешт кажува колку се крена романскиот ракомет. Тие имаат квалитетни играчи имаат каков неуспех без настап веќе подолго време на големите натпреварувања, но мислам дека се на вистинскиот пат дека имаат добра генерација”,вели Гоце Георгиевски.
ЕХФ неделата доаѓа по згуснатиот распоред, нема време за одмор, сите мора да се насочат кон репрезентативните обврски.
“Како за нас така и за другите противници можеби е малку згуснат распоредот, веднаш после клупските обврски треба да се прилагодиш на репрезентативни, не е лесно, нормално, но ние сме професионалци и ова ни е дел од работата, па тоа треба да го пребродиме”.
Реваншот се игра на 19 март во Букурешт, доколку го минат овој домеч, ракометарите ги чека уште еден бараж против Чешка.