За Македонските работи….

27170

✍️ Пишува: Огнен Дојчиновски

Седам и го пијам утринското еспресо денеска, и си размислувам како и зошто, Дејан Кулушевски стана најголемиот македонски проблем во моментов. Покрај се што му се случува на овој народ децении наназад, покрај сите маки и премрежија кои го погодија него и ова парче земја, ете така одлучивме од нигде никаде, ова 21. годишно момче, швеѓанец со македонско потекло да го направиме најголемиот душман, индивидуален и колективен и да го обвиниме ама за буквално се што лошо ни се има случено од трето колено наназад до денес. Како да тој и неговото несреќно интервју дадено по натпреварот на Олд Трафорд против Манчестер Јунајтед е виновно за сите наши проблеми, како да тој ни е виновен што ние, решивме да живееме во Македонија, а не да одиме некаде далеку, и како да тој не направил несреќни и незадоволни од она што сме постигнале или не сме постигнале и како да „плуканиците“ по него ќе ве направат инстант посреќни и позадоволни. Не бре луѓе, нема да ве направи. Ќе направат само Дејан Кулушевски да е посигурен во самата одлука да игра за Шведска, а не за Македонија.

Како поинаку да си ги објасни ова 21. годишно момче, родено и израснато во Шведска, со работно искуство во Италија, односно Англија, бранот на навреди и пцости кон него и кон неговото семејство кои се етикетирани за предавници, одродени, антипатриоти, и што ли уште не, само затоа што на прашање на странски новинар, во странска држава, Кулушевски одлучи да не прозбори македонски, од проста причина затоа што едноставно не знае.

Ја имав таа привилегија и задоволство далечната сега веќе 2015 година да го направам првото интервју со Дејан Кулушевски, тогаш 14. Годишен фудбалер на младинската школа на Аталанта. Дејан ниту тогаш не знаеше да зборува македонски, разговаравме на Англиски. Тогаш тој ми ги кажа своите планови, своите фудбалски соништа кои во меѓувреме ги оствари.  Стигна го големите Јувентус, и Тотенхем. За жал, не и до дресот на Македонија. Зошто? Можеби Дејан некогаш и ќе ја каже својата верзија, можеби едноставно и нема своја верзија, можеби ете така, одлучил затоа што ќе има поголема шанса да успее во кариерата преку дресот на Шведска. Да, за да успее со друг пасош, не со македонскиот. Хм, нешто ова ми е познато, како да некаде низ државава сум го слушнал. Некој да одбере, да потпише, да земе нешто за да успее.

Подобро ќе ни биде ние да си ги гледаме нашите македонски работи, и да го оставиме Дејан Кулушевски во мир и спокојство да си ја гради фудбалската кариера, која уште сега е на највисоко можно ниво. А навредите кон него, нема да ни донесат ништо добро, туку само презир и неверување во очите на оние кои од овој народ очекуваат многу, многу повеќе од прости, вулгарности, примитивизам и малограѓанштина. Не, јас не сум таков Македонец, јас сум многу, многу поинаков. Мене Дејан Кулушевски не ми пречи. Ми пречат оние кои триесет години под закрилата на „МАКЕДОНШТИНАТА“ ја направија оваа држава ваква каква што е. Ми пречат оние поради кои Дејан и стотиците илјадници „Деани и Дејановци“ заминаа од тука.  И знам дека има  многу како мене кои се гордеат со Дејан и сме многу повеќе од оние кои го го сметаат за предавник. Не, не сте посилни, само сте погласни во „врескањето“. Наредувајте ме и мене, зошто и ја сум Дејан, зошто немам потреба некому да му се правдам и објаснувам за сопствените одлуки во животот. Вас Дејан не ви згреши ништо, туку вие згрешивте некаде патем, па се однесувате како да е крајот на светот, што не прозборел македонски.

Жал ми е што овој народ ете  одлучи денеска, да се подели на „Кулуш“ и „Анти Кулуш“ табори како да ни беа малку поделби досега па ајде и за ова. А работите се многу едноставни. Да си ја направиме нашата Македонија што подобра и поубава за живеење, за да ние лично го создадеме следниот Дејан Кулушевски, зошто знам дека тоа можеме, а не да чекаме истото да го стори Шведска па да и го „украдеме“. Нека биде ова само уште еден пример КАКО НЕ ТРЕБА, да учиме од грешките сите, и да се обидеме сите заедно да направиме една подобра и сакана Македонија. Зошто, еднаш некаде прочитав наслов кој во себе потајно везден си го повторувам, „Македонија е се што имаме“….

ПретходноСрбија и Партизан се простуваат од Небојша Вучичевиќ
СледноИталијанската јавност го „распна“ судијата Гуида