Македонската ракометна репрезентација има три дена да се подготви за првиот бараж дуел со Романија за чекор напред кон Светското првенство 2023 година. Првата средба се игра во четврток во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот, додека два дена подоцна во Букурешт е реваншот.
Ова е прв дуел за „црвено-жолтите“ по Европското првенство во Унгарија.
„Секој наш собир е посебен, приказна за себе, без разлика дали е за европско, светско, пријателски натпревари, Ова е многу битен собир, размислуваме само за Романија и тоа што не чека.
За разлика од ЕП, сега се враќа на терен Кире Лазаров, Никола Маркоски, Столе Стоилов. Во Унгарија ни се случи тој пех на последниот тренинг. Сега е во ред, максимално сме спремни, со мали измени. Мишевски ни е повреден, дојде Павле. Мислам дека сме доста квалитетни, но тоа треба да се покаже на терен“, изјави Филип Талески.
Романија е познат противник, исто како и селекторот, Чави Пасквал. Затоа треба максимална подготовка, без грешка на теренот, доколку Македонија сака да го одигра дуелот со Чешка, последен двобој до Мундијалот.
„По долг период сме во ситуација да играме два баража, но што е тука е. Романија е познат противник. Претходниот пат кога игравме Чави им беше селектор, но потоа замина, за сега одново да се врати. Почнуваме да анализираме, гледаме, квалитетни се.
Го знаеме системот на Чави, знаеме што работеше во Барселона, што работи сега во Динамо. Знае со сите екипи да постави добра тактика. Останува да се спремиме, да ги анализираме сите нивни работи во напад и одбрана, да бидеме максимално спремни и да ја исполниме целта“, додека Талески.