Пишува: Зоран Ѓоршоски
Во изминатите три дена се одиграа сите шест мечеви од 23.коло или прво од третиот круг во тековната сезона во ПМФЛ.
Големото скопско дерби меѓу Шкупи и Работнички го добија чаирчани, и тоа со 2:0. Колку и да одиграа гостите солидно, сепак лидерот ја покажа сета своја сила, моќ, па така успеа да ја продолжи низата и походот кон титулата. Веќе нема никакви дилеми дека четата на Гоце Седлоски ќе биде новиот првак на Македонија. Има 10 бода предност пред втората А. Пандев и 11 пред Шкендија.
Шкендија пак во 90+ минута се спаси од нова бламажа, поточно стратегот Бруно Акраповиќ се спаси од нов срам. Тиквеш имаше под Шара 1:1 се до последните секунди, но, ете, Нафиу беше тој што му донесе радост на својот тренер.
Факт е дека Шкендија е далеку од онаа шампионска форма, од тим кој треба просто да гази, посебно во Тетово, а не да се мачи со Тиквеш. Кавадарчани одиграа одлично, борбено, но проблемот е во Шкендија. Токму затоа тетовци се во минус од 11 бодови во однос на Шкупи. Катастрофална сезона за Шкендија, која сега ни Европа не им е сигурна.
Македонија ЃП дома одигра само 1:1 против Скопје. Нема значи седма победа во низа за „лавовите“. Во малото скопското дерби „пиратите“ ја стопираа супер – серија на тимот од Ѓорче, а можеа и многу повеќе. Дали Македонија ЃП го губи здивот ќе видиме веќе во следните кола. Па не можеш само да победуваш во фудбалот.
Брегалница е махер за екипите од долниот дел. Прво го победи Пелистер, па потоа и Борец. „Сините“ не играат којзнае што, но победи си се победи.
Пелистер направи голема сензација на гости кај Ренова, Одигра 0:0, со тоа и дефинитивно го урна сите соништа на “гипсарите“ дека ќе можат да дојдат до излез на евро – сцената.
Академија Пандев со уште еден триумф. Не блескаа „пандевци“ против Струга ТЛ, гостите одиграа навистина добро, веројатно заслужија и бод, но треба да се даде гол.
Тоа го сторија домашните и затоа победија со 1:0.