Италија и оваа година останува без свој преставник во четврфиналето на Лигата на шампионите. Фудбалерите на Виљареал приредија големо изненадување совладувајќи го Јувентус среде Торино со 3:0 и потврдувајќи си место меѓу осумте најдобри тимови во најсилното елитно натпреварување на планетата.
Иако Јувентус одлично го почна мечот и имаше најмалку три 100% шанси за гол преку Мората и Влаховиќ, гостите успеаја да се одбранат и на полувреме да заминат во егал – 0:0. Во вториот дел домашните напади чудно западнаа во летаргија, додека Виљареал мудро чекаше на противнички „кикс“ за да дојде до шанса за гол.
Најавата на големрто изненадување дојде во 76. минута, кога нововлезениот Кокелин беше соборен во шеснаесетникот на Шчесни, а уште еден резервист, Жерар Морено, успеа пеналот да го претвори во гол за гостите и водство од 1:0.
Печат на италијанската капитулација стави дефанзивецот Пау Торес, кој во 85. минута најдобро се снајде во петерецот на гостите и една нафрлена топка ја смести во домашната мрежа за водство на гостите од 2:0. За дебаклот на „Старата Дама“ да биде поголем се погрижи Данјума со голот во 91. минута од пенал за конечни 0:3.
Во Франција немаше изненадување. Иако Лил прв поведе на мечот со Челзи со голот на Јилмаз од белата точка во 37. минута, гостите брзо се опоравија и на пауза заминаа со 1:1 благодарение на голот на Пулишиќ во судиското продолжение.
Во вториот дел патот кон четврфиналето за „сините“ од Лондон го потврди капитенот Аспиликуета со гол во 71. минута.