Откако го објави списокот на играчи на кои ќе смета на мечевите со Италија на 24 март во Палермо, а потоа и за вториот меч на 29 март, селекторот Благоја Милевски искажа повеќе работи за составот, но и за претстојниот историски меч со Италија, тоа е полуфинале за пласман на Мундијалот во Катар.
“Како прво Јаховиќ е под знак прашалник, има проблеми со тетивата. Ако откаже ќе повикаме друг фудбалер. Добро е што е тука Адеми, тој добро се чувствува. Несторовски има само одиграно 13 минути, и затоа не е на списокот“ вели Милевски.
За очекувањата од дуелот во Палермо селекторот покрај другот посочи.
“Се работи за меч во кој се е отворено. Неблагодарно е да се наговестува успех, да се прогнозира. Ќе барам од играчите да уживаат во овој историски меч. Задоволен сум од формата на поголемиот дел од репрезентативците. Искрено целата концентрација ми е како да извлечеме максимум од нашите фудбалери. Не се оптоварувам со составот на Италија. Имаат екстра состав, но имаат и слабост. Наше е да ги искористиме тие слабости“.
Според Милевски ние нема да се браниме во Палермо…
“Овој тим на Македонија не знае да се брани, да биде пасивен, да чека друг да игра. Секако дека не е лесно да играш отворено против Италија, но ние и овојпат ќе бидеме насочени кон напад. Да кажам дека не гледам поврзаност со тие два меча кои сме ги одиграле со Италија и овој што е пред нас. Ова е бараж и бара сосема поинаков пристап“посочи Милевски.