Миркуловски: Посакувам Чешка да биде последен меч за мене и Лазаров во дресот на Македонија

190

Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки пред утрешната пресметка против Романија во рамките на баражот за место на СП 2023 година.

Противникот е добро познат за нашите ракометари, токму на сметка на оваа селекција, „црвено-жолтите“ обезбедија место на Мундијалот во 2018 година. Еден од најискусните, Филип Миркуловски очекува два тешки меча, олеснителна околност е враќањето на публиката на трибините. Па како некогаш, во СЦ „Борис Трајковски“ треба да биде вистински спектакл.

Главна желба на Миркуловски е пласман во следниот бараж против Чешка, токму тој двомеч би бил последен за него и Кирил Лазаров во дресот на Македонија.

„Досега сме играле многу баражи и квалификации. Романија е релативно познат противник, игравме бараж за СП во 2018 година. Се работи за незгоден противник, можеби ни се падна најтешкиот ривал, но свесни сме дека во овој двомеч сме фаворити според нашата репутација. Очекувам два тешки меча. Овој пред наша публика ни е најважниот. Сакаме да одиме во Букурешт со што е можно поголема предност.

Добро е што ќе играме скоро пред полна сала по две и пол години, се надевам на голема поддршка, посебно по тоа ЕП, сепак, ќе сакаме и ние да се извадиме како играчи и стручен штаб и да се извадиме подобро, па се надевам дека ќе одиме на Чешка и ќе бидеме успешни и во тој двомеч кој ќе биде последен за мене и за Лазаров. Можеби сега постои мал притисок затоа што ако го загубиме овој бараж-меч, ќе се вратиме многу назад. Ама ние сме доволно искусни, сите сакаме да победиме и мислам дека ќе успееме во тоа“, вели Миркуловски.

И тој како останатите очекува Чави Пасквал да го подготви тимот добро, затоа ќе гледаат во Скопје (утре, 19 часот) да слават со поголема разлика, за да во Букурешт заминат со позитива.

„Што се однесува до противникот, горе-долу Романија ќе биде со ист тим како што беше претходно. Скоро ист е и случајот со нас, со неколку промени и подмладувања. Имаат повредени ракометари, но тоа не го намалува нивниот квалитет. Во 2018 година Романија ја минавме релативно лесно, но сега очекувам сосема друг двомеч, затоа што тие се повеќе напреднати, сакаат машкиот ракомет да излезе од сенка на женскиот. Со тренерот Пасквал напредуваат, за нас најдобра варијанта е да победиме со што е можно поголема разлика дома, но знам дека тоа ќе биде потешко од претходниот пат“, изјави Миркуловски.

ПретходноОлеснување на мерките – Повеќе публика на трибините во салите
СледноМЗТ Скопје без проблем го освои Гостивар