Поради настапот на МЗТ Скопје и Пелистер во АБА 2-лига, 19. коло во Првата лига ќе почне порано. Први ќе го отворат Гостивар и МЗТ Скопје, дуелот се игра денеска во салата „Младост“ со почеток во 18 часот.
Александар Јончевски и неговите момци на гостувањето кај ТФТ ја завршија серијата од седум победи во низа. Можност за враќање на победничките патеки ќе имаат против актуелниот првак. Оваа сезона ги изгубија двата дуели, во Првата лига и во Купот на Македонија, но и покрај тоа веруваат дека можат да дојдат до реванш, за тоа ќе им помогнат нивните фанови.
На другата страна МЗТ Скопје под водство на Александар Петровиќ, фати ритам, го победи Работнички во градското дерби, а потоа имаше последна задача против дебитантот Ангели.
МЗТ Скопје е во трка за првото место на табелата, има два бода помалку од Пелистер, чека нов кикс. На другата страна Гостивар се наоѓа на третото место, има 30 бода исто колку Академија ФМП. Поразот од ТФТ ги остави на три бода зад актуелниот првак.