Комисијата за заразни болесни денеска донесе препорака за зголемување на капацитетот на исполнетост на објектите од затворен тип од 50% на 75% што е добро за спортските клубови кои играат во сала.
Оваа препорака на членовите на комисијата се очекува наскоро да биде прифатена од Владата, како и сите претходни во изминативе две години, по што ќе стапи и официјално во сила. Ваквата промена, пред сè, ќе биде добредојдена за ракометниот шампион Вардар и за кошаркарскиот првак МЗТ Скопје, кои во следниот период имаат домашни обврски кои се очекува да привлечат големо внимание.
Вардарци кон крајот на месецов ќе го пречекаат унгарски Веспрем во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, дуел за кој уште сега владее голем интерес.
МЗТ кон средината на следниот месец ќе биде домаќин на завршниот турнир од АБА 2-лигата исто така во спортскиот центар во оваа општина, што значи дека и тие ќе може да сметаат на далеку поголема помош од навивачите.