Виљареал испиша историски резултат во Лигата на шампионите. Се пласира во четвртфиналето по сензационалниот триумф над Јувентус. Спортскиот успех на Виљареал оваа сезона во ЛШ ќе му донесе 50 милиони евра. Значи овие пари се сигурни досега, а ако продолжи да воодушевува оваа сума може да порасне.
Попрецизно „жолтата подморница“ до пласманот во 1/4 финалето во ЛШ си осигура 48,8 милиони евра што е многу повеќе од 30-те милиони евра што ги заработи со освојувањето на Лигата на Европа минатата сезона.
Уште попрецизно гледано, Виљареал осигура 15,6 милиони евра за играњето во групната фаза на ЛШ, потоа 9,3 милиони евра за трите победи (две над Јанг Бојс и една над Аталанта) и едно реми (со Аталанта). На таа сума се додаваат 9,6 милиони евра за пласманот во 1/8 финалето и уште 3,7 милиони за ремито и победата над Јувентус. Пласманот во 1/4 финалето им донесе дополнителни 10,6 милиони евра.