Новата сезона во Формула 1 шампионатот, инаку 73. по ред, со многу нови правила, почнува во недела со трката за Големата награда на Бахреин. Програмата почнува на патеката „Сахир“, а квалификациите се во сабота (16 часот) додека главната трка во недела (16 часот).
Титулата светски првак ќе ја брани возачот на Ред Бул Макс Верстапен, кој минатата сезона до севкупна победа стигна во последниот круг од последната трка во Абу Даби, по контроверзна завршница, во кој го претекна возачот на Мерцедес Луис Хамилтон.
Во новата сезона во Ф1 ќе се возат 22 трки по исклучувањето на ГП на Русија. Сезоната завршува со ГП на Абу Даби на 20 ноември, освен ако нема промена на распоредот поради коронавирусот или некоја друга причина.
Кај конструкторите титулата ја брани осумкратниот шампион Мерцедес.
Oваа сезона ќе ја одбележат технички промени на болидите како користење на гуми со пречник од 18 инчи место досегашните 13 инчни гуми. Таквата промена ќе ја зголеми масата на болидите за околу 50 килограми.
Промени ќе има и во аеродинамиката и шасијата на болидот, а се проценува дека новите болиди ќе бидат побавни за околу 3,5 секунди во однос на минатогодишните.
Бодови сега ќе освојуваат осум најдобри возачи во спринт трката, наместо досегашните тројца возачи, а спринт и оваа сезона ќе одлучува за стартните позиции пред главната трка. Спринт трките и оваа година ќе се возат за ГН на Емилија Ромања (24 април), ГН на Австрија (10 јули) и ГН на Бразил (13 ноември).
Најбрзиот круг во главната трка и понатаму ќе носи еден бод доколку возачот биде меѓу десетте најдобри.
Најголемата промена меѓу возачите е трансферот на Џордан Расел од Вилијамс во Мерцедес каде ќе го наследи Валтери Ботас кој од сега ќе вози за Алфа Ромео. За Швајцарскиот тим оваа сезона ќе вози и првиот кинески возач во историјата на шампионатот Гуанј Жо, додека за Вилијамс ќе вози Александар Албон.
Пред почетокот на сезоната поради воената интервенција на Русија во Украина отказ доби рускиот возач Никита Мазепин во Хас, а ќе го замени Данецот Кевин Магнусен.