Лазаров: Мора ментално да го издржиме првиот напад, Романците ќе тргнат на „јуриш“!

279

СПОРТМЕДИА во Букурешт, Марија Ковачева

Кирил Лазаров и неговите момци во Букурешт дојдоа по потврда на пласманот во последниот бараж за место на Светското првенство 2023 година. Убедливиот триумф во Скопје (30-22) и предноста од осум гола, мора да се заборави.

Неполни 24 часа после првиот меч, предводникот на нашиот национален тим предупредува дека Романците ќе се покажат во различно светло од дуелот во „Борис Трајковски“. Според Лазаров мора, ментално да се издржи првиот налет, противникот ќе има поддршка од трибините, ќе оди на „јуриш“.

„Ќе им укажам на моите ракометари – доколку го издржиме првиот налет од 15-20 минути, Романците ќе тргнат на „јуриш“. Ментално треба да го издржиме тој прв напад, физички сигурен сум дека тоа ќе го издржиме, стратегиски исто така. Ако ментално истрпиме, мислам дека ќе можеме да го исконтролираме цел натпревар“, вели Лазаров. 

Кире добро го познава Чави Пасквал, затоа мора да бидат претпазливи и максимално сериозни, Романија е квалитетна репрезентација, изненадувања ќе има. Задоволен е од она што го подготвија во Скопје, резултатот излезе како што треба, но тоа не значи дека треба да се залажуваат.

„По анализата и прегледувањето на комплетниот натпревар мислам дека имаше периоди во кои можевме да го „прекршиме“ натпреварот уште во првото полувреме. Не успеавме во тоа затоа што Романија е квалитетна, добро го подготви натпреварот и издржа на нашите налети дури 45 минути. Концептот, кој јас и стручниот штаб го направивме пред натпреварот, иако никогаш не знаете што ќе се случи, успеавме да го спроведеме 85-90%. На крај излезе како што посакуваме, но не треба да се залажуваме.

Познавајќи го Пасквал ќе биде различен натпревар. романските медиуми најавуваат полна сала и незадоволство од нашата публика. Неслучајно одредија натпреварот да се игра во 48 часа и дури го сменија градот домаќин, тие инаку играат во Клуж. Имајќи предвид дека Динамо Букурешт има голема поддршка во Лигата на шампионите ќе имаат голема поддршка. Треба да бидеме будни, претпазливи и максимално сериозни и концентрирани“, коментира Кире.

Од Букурешт доаѓа добра вест, и покрај напорниот меч, сите момци кои се најдоа на списокот на Лазаров се чувствуваат добро. Свесен е дека дел од повозрасните се потрошија повеќе од очекувањата. Размислува за промени, но какви, ќе биде познато најдоцна до утре наутро.

„Физички, од она што го видов и во разговорите со медицинскиот тим, екипата се чувствува добро. Можеби некои од повозрасните ракометари непредвидено се потрошија, но јас доста обраќам внимание на тие детали, впрочем уште сум играч. Секогаш внимавам колку и во кој период можам да го дадам најдоброто од себе. Истото го мислам и за Миркуловски и за Стоилов. Митревски не го ставам во оваа категорија, тој е голман, и во подобра физичка кондиција е од сите нас. Размислувам доста за промени во тимот, одлуката ќе ја донесам вечерва или утре изутрина. Дилеми имам за одредени промени, но ќе видиме по вечерашниот тренинг“.

Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра утре со почеток во 17 часот по македонско време.

ПретходноАмбасадорот на Италија гостин во ФФМ
СледноМакедонија У18 на силен турнир во Португалија