Новиот француски репрезентативец: Бил поштар, месар и чувар, на 25 години дебитира во профи-фудбал

2728

Фантастична приказна ни доаѓа од Франција која потврдува дека никој никогаш не треба да се откаже од сонот. Џонатам Клос, играчот на Ленс се најде на списокот на фудбалери на француската репрезентација за претстојните натпревари со БС Коска (25 март) и со Јужна Африка (29 март).

Со воодушевување во Ленс го проследија објавувањето на името на нивниот соиграч од страна на селекторот Дидие Дешамп. Клос кој има 29 години и игра како десен офанзивен бек ќе дебитира за францускиот национален тим.

Во профи фудбалот влегува на 25 години. Претходно играл аматерски фудбал.

Кариерата ја почнал во германскиот шестолигаш Линкс, во сезоната 2015/16 настапува за францускиот четвртолигаш Рајон Етап, а во 2016/17 за францускиот третолигаш Авранш. Наредната сезона ја минува во второлигашот Кевили, а во 2018 до 2020 настапува за германскиот второлигаш Арминија Билефелд. Од 2020 година е член на Ленс.

Токму во Ленс се препороди, сезонава има три гола и шест асистенции што е најдобар ефект од едно десно крило/бек во француската Лига 1.

РАБОТЕЛ КАКО ЧУВАР, ПОШТАР, МЕСАР, ПРОМОТЕР И ФУДБАЛЕР

На 19-20 години тој студирал на факултет за физичка култура за да стане наставник по физичко воспитување и притоа работел неколку работи, редел роба во супермаркети, потоа чувар на магацин но не можел да ги издржи ноќните смени па дал отказ, потоа работел во месарница… Ова се извадоци од неговото интервју за вебсајтот на Лига 1.

Ми се смачи од работата како чувар. Не можев да издржам ноќни смени. Дадов отказ, следниот ден почнав да работам во месарница. Тоа го паметам најдобро. Станував рано, во ладна месарница ги двоев колбасите и ги пакував, 10 парчиња во една кутија“, раскажува Клос.

Потоа работел и како промотер, делел флаери на кои се промовирале производи или настани. Во вториот дел од денот играл аматерски фудбал.

На 21 години, Џонатан одлучил да замине во Германија и да проба во тамошниот фудбалски систем и да почне самостоен живот. Заиграл во шестолигаш, но бргу се вратил во Франција, а достигнал статус на профи-фудбалер во Кевили Руен. Клубот испаднал во Трета лига таа сезона, но Клос не направил чекор назад.

МОЖЕЛ ВО ВЕРОНА НО БИЛ ИЗМАМЕН, ЗА МАЛКУ ЌЕ ЗАВРШЕЛ ВО БЕЛОРУСИЈА

Имало опција да оди во Верона, во Серија Б, но бил измамен од агент кој сакал да извлече голем бонус. Тогаш му останало само опција да оди во Динамо Брест од Белорусија (таму кратко како претседател работел и Диего Марадона). Клос одработил неколку тренинзи, но кога требало да потпише договор тренерот кој го донел добил отказ и тој не добил договор.

„Тогаш си реков, се откажувам од фудбалот. Вака веќе не оди“, изјавил Клос.

Но добил втора шанса. Од нигде никаде интерес пројавила Арминија Билефелд. Германскиот клуб останал без двајцата десни бекови поради повреди, па го побарале Клос да ги замени. Две сезони поминал во Арминија, а од таму потоа се враќа во Ленс во најсилната француска лига.

А во Лига 1 игра неверојатно добро. Што е причината што се мачел во аматерскиот фудбал, а одлично му оди во професионалниот фудбал.

Имам одговор. Мене ми беше тешко да играм на ниско ниво. Во аматерскиот и полупрофесионалниот фудбал не се грижат за тактика туку се се потпира на физичка сила и трчање. Тоа не е мојот стил. Не сакам да се валкам во калта, да трчам на ветар, да се тепам на теренот туку да играм фудбал. Искрено се плашев од физички дуели. Во Арминија научив да издржам 90 минути. Играв фудбал како што треба, не ми беше здодевно. Притоа го надминав стравот од физички контакти, научив да ја ценам работата. Ментално зајакнав“, вели Клос.

Тој додава дека најдобро се снаоѓа во шема 3-5-2 затоа што не сака да биде класичен десен бек, туку сака често да истрчува напред и да ја игра „улогата“ на десно крило. Неговиот идол е бразилскиот бек Дани Алвес.

 

ПретходноАлиоски постигна фантастичен гол со шут од 20 метри! (видео)
СледноНавивач го погоди судијата во глава, мечот во Бохум прекинат!