СПОРТМЕДИА во Букурешт, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација со позитива од осум гола допатува во Букурешт на реванш мечот против Романија. Во добра атмосфера нашите момци денеска ќе ги направат подготовките за утрешната средба.
На вчерашната средба на теренот блескаше Филип Талески. Македонскиот репрезентативец постигна десет гола од 13 обиди, „газеше“ на теренот, едноставно беше фантастичен, динамичен, полн со самодоверба, гладен за „голови“, за победа.
Иако победата веќе е преспана, Талески за дуелот против Романците говори како да се играл пред два часа. И сето ова не е случајно, вчерашната средба беше прва пред полни трибини, пред публика, после речиси две и пол години.
„После две и пол години, ова чудо што се случува низ светот, нас не краси публиката и едвај чекав да заиграм пред полни трибини. Уште кога беше најавувањето пред почетокот на мечот, пред сите оние верни фанови, еве и сега додека зборувам се ежам бидејќи атмосферата во таа преполна сала беше фантастична. Мислам дека и луѓето очекуваа да се вратат во сала и да ни дадат поддршка, ние само им возвративме на најдобар можен начин, со квалитетна игра на терен и убедлива победа. За мене секогаш важело дека тимот е тој што победува, не е важно кој во моментот бил најдобар или најлош, се гледа да се радуваме на крајот“, изјави Талески.
Македонија имаше одредени грешки на првата пресметка, а Лазаров веќе им најавил на своите соиграчи, дека дуелот ќе го добијат од 45. до 60. минута.
„Тактички одигравме речиси се од она што бевме договорени, нормално дека имаше одредени грешки, но секој од играчите си ја исполни задачата. Знаевме што да очекуваме, селекторот не предупреди и ни кажа дека е важно добро да отвориме, но и дека мечот ќе го добиеме од 45. до 60. Минута, што навистина и се случи“.
Победа е „слатка“, но битката не е завршена. Ова добро го знаат сите. Утре (17 часот по македонско време) мора да се одигра уште еден квалитетен меч. Романија може да изненади, но не до тој степен, крајниот исход да биде фатален.
„Среќни сме, но работата не е завршена. Знаеме дека утре во Букурешт пред нас е многу потежок меч од оној во Скопје. Не треба да одиме да ја браниме предноста, туку да победиме. Романците ќе одат на се или ништо, да направат големо изненадување, но ние не треба да потклекнеме, туку она што ќе го договориме да го оствариме на терен. Мислам дека можеби ќе се обидат да изненадат со некоја друга одбранбена зона, можеби со фластер на Кире Лазаров, но во нападот не гледам како би изненадиле, бидејќи тоа се акциите што ги играа, што ги анализиравме и ги видовме и на првиот натпревар во Скопје“, вели Тале.