СПОРТМЕДИА во Букурешт, Марија Ковачева
Гоце Георгиевски е еден од оние во тимот кој добро знае како функционира романскиот ракомет и што може да ги очекува денеска (17 часот) против Романија во реваншот за место на СП 2023.
Предупредува дека Романците имаат сличен менталитет како Македонците, вљубеници се во ракометот и ќе дојдат да ги поддржат ракометарите.
„Можам да кажам дека и Романците се слични по нашиот менталитет, исто така се големи вљубеници во ракометот и не се сомневам дека ќе им дадат огромна поддршка на своите миленици денеска. Играме во салата на Динамо Букурешт, кој ги гледал средбите на овој тим во Лигата на Шампионите знае дека редовно се создава одлична атмосфера. Не се сомневаме дека тие ќе ги направат сите напори за со помош на публиката да се вратат во овој двомеч, но ние сме подготвени да возвратиме на вистински начин и да го издржиме тој притисок“, ни изјави Георгиевски.
Ова ќе биде последна шанса за Чави Пасквал и неговите момци да фатат приклучок кон следниот бараж. И покрај негативата од осум гола нема да се предадат.
„За Романците ова е последна можност да фатат приклучок кон светскиот ракомет, нема да се предадат без борба. Тактички не може да се очекуваат преголеми промени бидејќи двата меча се играат во период од помалку од 48 часа. Видовме дека го имаат донесено Хумет, Шпанецот кој има романско државјанство. Со него можеби ќе се насочат повеќе на бековските позиции, на шут од надвор и на тој начин да ја разбијат нашата одбрана. Тоа е она што би можеле да се обидат, но ние сме максимално подготвени за овој реванш“.