Екипата на Барселона е победник во „Ел Класико“ откако буквално го размонтира големиот ривал Реал Мадрид со 4:0 и тоа на „Сантијаго Бернабеу“. Ова е меч од 29. коло во кој Реал се посрамоти, но за среќа има добра предност на врвот на табелата па некако ќе ја преброди оваа катастрофа што го снајде вечерва.
Барселона продолжи со одличните игри под водство на Чави, забележувајќи ја 15. победа во првенството.
Барса ја демонстрираше својата тика-така игра на која фудбалерите на Реал немаа одговор. Поседот на топката (41%-59%), шутеви на гол (13-17) од кои прецизни (4-10) беа на страната на Барса. Па не е ни чудо конечниот резултат.
Играчите на Барса во грч го почнаа мечот, Реал беше подобар меѓутоа после 15-тата минута каталонскиот тим ги презеде работите во свои раце. Осман Дембеле заигра онака како што се очекува од него. Во 29 минута нафрли во шеснаесетникот, а таму Обамејанг со глава ја затресе мрежата на Куртоа. Потоа Дембеле му асистираше за гол на Араухо за удвојување на предноста на полувреме.
На стартот на второто полувреме уште две шлаканици за „Кралевите“. Обамејанг му асистира на Феран Торес за 3:0, а шест минути подоцна Торес му асистира на Обамејанг за конечните 4:0.
Ова е и прва победа на Барса над Реал по 2019 година. Ова е и прва победа во „Ел Класико“ на Чави како тренер на каталонскиот клуб.
Реал е прв со 66 бода, а Барселона е трета со 54. Второпласираната Севиља има 57 бода. Да кажеме и дека Барса има меч помалку.