Тренерот на Рома, Жозе Мурињо изјави дека не е среќен поради фактот дека неговата екипа многу се потроши против Витезе пред дербито со Лацио. Одигра 1-1, но обезбеди место во четвртфиналето во рамките на новоформираното натпреварување на УЕФА.
Рома ќе се обиде да го освои овој трофеј, секако главна желба е во Серија А да заврши на што подобро место. Пред дуелот со Лацио, португалскиот стручњак даде интересна изјава.
„Секако дека не сум среќен, многу играчи се потрошија пред дербито. Играчите на Лацио вечерта ја минаа мирно и пушеа цигари со Сари“, рече Мурињо и предизвика реакции во јавноста.
Веднаш стигна одговор од клупата на Лацио, од Маурицио Сари.
„Престанав да пушам, можеби одново ќе почнам, но за сега ги откажав“, рече Сари.
Пред денешната средба, Лацио се наоѓа на петото место со 49 бода, додека пак Рома е едно место подоле. Првата римска пресметка оваа сезона заврши во корист на Лацио, кој славеше со 3-2.