КОМЕНТАР НА 24.КОЛО: Навивачи “менуваат“ тренери, “фрчат“ соопштенија, Шкупи не знае за доста…

3437

Пишува ✍️: Зоран Ѓоршоски

Пред репрезентативната пауза, во која нашата Македонија игра во Палермо против Италија во полуфиналето од плеј-офот за пласман на СП во Катар, изминатиот викенд се одиграа шесте натпревари од 24.коло.

И како што е вообичаено кај нас во пролетната полусезона, со години наназад, се случува „пекол“. Никој не го признава поразот, судиите се “виновни“, а ново е тоа што фановите „менуваат“ тренери, секако и Шкупи не знае за доста.

Како прво во Кавадарци се случи класична фудбалска неправда. Чист гол на Тиквеш, ТВ снимките тоа најубаво го покажаа, не беше признат. Тоа оди на душа на судиите на тој меч, којзнае како ќе завршеше мечот ако на пример беше 1:1 со тој гол. Јасно е дека потоа Тиквеш излезе со соопштение, па Академија Пандев врати со исто такво соопштение, па Тиквеш одново се огласи. И така се “забавувавме“ два дена со соопштенија. А што да кажеме за Вората лига – запад. Таму пак во секое коло Вардар се огласува со соопштенија, или неговите фанови. Но тоа е друга „приказна“.

По мечот во Битола, каде Брегалница сензационално загуби од Плеистер со 0:2, дел од најверните навивачи на штипјани го чекаа автобусот со тренерите и играчите пред стадионот во градот под Исарот. Имале што да им кажат на сите, а посебно на стратегот Илчо Ѓорѓиоски, кој од како е дојден сепак не успева да ги придобие симпатиите на фановите во Штип.

Сега на потег е првиот човек на Брегалница. Дали ќе ги послуша навивачите или пак некој друг, дали ќе го смени Илчо или ќе му даде нова шанса. Тоа само Кире го знае, Кире Гогов де…ако не сте знаеле. Во фудбалски Штип “врие“, се бара одговорност од сите во Брегалница.

А лидерот си гази. Шкупи победи и во Струга, и тоа на теренот на силната Струга ТЛ. Босанчиќ најави изненадување, но влезе Радески и ги расчисти сите дилеми. Сега остана само уште да се стави печат на титулата, и тоа во април.

Шкендија победи на Автокоманда, Ренова славеше против Работнички, а Македонија ЃП кај Борец.

Рековме и минатата недела, се се знае во ПМФЛ, прашање е само кој ќе оди во Европа, во Лигата на Конференции?

А. Пандев која има 48 бодови, Шкендија со 47, или Македонија ЃП со 43. Има место само за две од овие три екипи, а може и сите три. Да не заборавиме дека „лавовите“ се во полуфиналето во Купот на Македонија.

Сега да навиваме за Македонија на дуелот со Италија во Палермо, а за ПМФЛ ќе мислиме по две недели.

ПретходноИлиевски: Одбраната беше клучна!
СледноИталија го одржа првиот тренинг во Коверчано, се спрема тактиката против Македонија!