Македонската ракометна репрезентација стигна до последната пречка до настапот на СП 2023 година. Чесите на 13 април ќе не пречекаат на првиот од финалните бараж двобои од кои ќе се обезбедуваат последните имиња патници на најголемиот светски ракометен собир.
Откако ја елиминиравме Романија, во чешките медиуми со свои очекувања од априлските пресметки со Македонија излезе и десниот бек на Чешка, Станислав Кашпарек.
„Македонија е наш традиционален ривал. Многупати сме е сретнале во овие елиминациски борби. Ќе биде многу важно како ќе го одиграме првиот натпревар. Искрено, ни треба голема предност, бидејќи сите знаеме како натпреварите изгледаат во Македонија, каде што доаѓаат 8000 балкански навивачи. Треба само да го водиме домашниот натпревар во Злин. Не сакаме да се криеме зад ништо, сакаме да се пласираме на Мундијалот, тоа е јасно“, вели Станислав Кашпарек.