Од Белград, ✍️ Огнен Дојчиновски
Втор ден како репрезентацијата на Македонија до 21. година е во Белград, каде што в четврток го играме квалификацискиот дуел против домашната Србија. Уште еден меч од оваа кампања, кој сплетот на околности за нас го направи исклучително важен.
Украина е на прагот да се откаже од овие кваливикации, (се знае и зошто), па тоа нас ни ги отвара портите за пласман на втората позиција на табелата и автоматски во баражот за пласман на ЕП во Романија и Грузија во 2023 година.
Нашиот селектор Драган Канатларовски Цапар во Белград е легенда. Неговите денови во Црвена Звезда одамна поминаа но името на популарниот „Кана“ овдека засекогаш ќе биде означето со златни букви. Утринското кафе на „Кнез Михаилова“ и легендарниот Хотел Москва го вратија нашиот селектор во некои други времиња кои за него се незаборавни. Секако и за навивачите на Црвена Звезда.
„Овде момци не почитуваат и мора да бидеме на највисоко можно ниво. Белград е фудбалски град, знае да процени квалитет, затоа мора да сме максимално сконцентрирани и на највисоко можно ниво“, им порача селекторот Канатларовски на своите избраници при утринската прошетка.