Утре во Палермо нашата фудбалска репрезентација го очекува историскиот дуел со Италија во завршните две битки до Мундијалот во Катар. Во пресрет на мечот во интервју за „Кориере дел Тицино“, Џани Алиоски зборуваше за очекувањата од пресметката со европскиот шампион.
„Со месеци размислувам за овој натпревар. Македонија направи голем напредок во изминатите пет години, а учеството на ЕП 2020 ја награди обновената стратегија на федерацијата, конечно отворена за млади луѓе и профили кои играат надвор од националниот шампионат. Да не заборавиме дека зборуваме за држава која има нешто повеќе од 2 милиони жители. Според тоа, пласманот на европско претставуваше незамислив потфат. Само ние верувавме во тоа, свесни за квалитетот на тимот. И пристапот до плеј-офот за светското првенство го потврдува тоа. За нас да се биде таму веќе е успех“, вели Алиоски.
За дуелот со Италијанците утревечер, Џани додава:
„Секако дека Аѕурите се големи фаворити. Играат дома и апсолутно мора да победат. Ќе треба да се справат со силна нервоза. Од друга страна, пропуштањето на Катар 2022 година, по пропуштањето на последното Светско првенство, би било голем неуспех. Нам, во Македонија, ни треба чудо. Но, во фудбалот одвреме-навреме се случуваат неочекувани работи. Со моите соиграчи ќе направиме се за да се случи нешто посебно“.
За шансите на Македонија за пласман на СП, нашиот бек вели:
„Македонија на СП? Па, доколку навистина се оствари такво сценарио, фудбалот по којзнае кој пат ќе ја потврди својата непредвидливост. Се е можно, повторувам. И мојата приказна е доказ за тоа. Погледнете само каде почнав, од Јанг Бојс кои ме исфрлија, поминувајќи низ Челинџ лигата и Лугано. Важно е да не престанете да верувате“.