Агим Ибраими: Пукај братучед, напред „лавови“!

18884

Каљари е на Срадинија, а Палермо е од Сицилија. За Каљари играше Агим Ибраими и токму Палермо е главен ривал на овој клуб. Нашиот поранешен репрезентативец е еден од оние кои имаат настапи и голови во Серија А. Сега настапува во Албанија, но веќе е со мислите кон Палермо и дуелот вечерва со Италија.

„Како да сум таму, како да играм вечерва и јас. Имам позитивна трема. Се надевам, на нешто големо, на нешто убаво. Знаете, ова е фудбал, еден меч, една шанса. Шанса која оваа наша генерација ја има како ниту една претходно“, коментира Ибраими кој своевремено на неколку средби беше и капитен на државниот тим.

Токму Ибраими е еден од најзаслужните за одлуката на Аријан Адеми да игра за Македонија. Тие се синови на две сестри – братучеди!

„Пукај братучед на Италија! Знам дека Аријан колку и да не може, ќе даде не 100%, туку 200%! Тој е лав како и сите други кои се во овој наш сегашен состав. Борци од прв до последен. Не се случајно таму каде што се. Ќе кажам штета што не игра Елиф, па и Пандев. Да го имаш Пандев на теренот е големо богатство. Посебно за вакви средби со селекција и земја во која тој е голема легенда. Но што е тука е. Доаѓаат помладите и навистина се добри“, е ставот на Ибраими.

Италија!? Што треба да се каже за нашиот ривал!?

„Ах… Форц Азури… Не, не, не…. тоа никако вечерва. Од дете навивам, за Италија. Секогаш на секое ЕП или СП сум за нив. Тие се моја омилена репрезентација. Но сега не, никако… сега навивам за мојата земја и репрезентација. Ќе ви кажам нешто искрено. Знаете ли што е ова вечерва? Каков е ова натпревар? Видете, секоја чест за нашиот тим и стручниот штаб. На меч со Италија, на два чекори до СП. Дали знаете низ што имаат сите наши фудбалери поминато за да стигнат до ова „финале“. Сите тие почетоци, лоши услови, слаба лига, трансфери и големи борби… Тоа го знаат сите наши момци. Како тежок пат до ваков голем и одлучувачки меч.

Од другата страна Италија. На нивните играчи се им е сервирано како што треба. Не минале таква мака како нашите. Затоа ве уверувам дека фудбалерите на Македонија ќе изгинат како лавови и без разлика што ќе се случи тие ќе треба да бидат наградени со аплауз, ако успеат и ја минат Италија треба да добијат орден. Ако Италија загуби – е тоа ќе биде национална катастрофа за цела држава“, е искрениот коментар на Ибраими кој дава голема поддршка на своите колеги од националниот тим за кој овој фудбалер одигра 40 натпревари и постигна 7 голови.

ПретходноАзија обезбеди уште два учесника на Мундијалот во Катар
СледноПалермо се загрева: Трајковски да даде гол, Италија да победи!