Добро е позната конекцијата не само фудбалска туку и пријателска помеѓу нашиот капитен Стефан Ристовски и португалската фудбалска звезда Бруно Фернандеш. Тие двајца минаа неколку сезони заедно во тимот на Спортинг Лисабон, пред Ристовски да замине во Динамо Загреб, а Бруно да го направи трансферот на кариерата во Манчестер Јунајтед.
Сега, патиштата што се вели повторно им се вкрстуваат но сега за прв пат овие двајца ќе бидат ривали. Ќе „војуваат“ во бараж финалето за пласман на Мундијалот во Катар, помеѓу домаќинот Португалија и Македонија кое се игра на 29 март во Порто.
Спортмедиа дознава дека вечерва старите пријатели Стефан и Бруно обавиле телефонски разговор, на кој Фернандеш му порача на нашиот репрезентативец дека го чека во Порто со добредојде. Но секако, само до првиот свиреж на судијата. А потоа, се знае. Битка до последниот здив за историски пласман на Македонија на Светското првенство во Катар.