Пишува: Зоран Ѓоршоски
По мечот во Палермо селекторот Благоја Милевски направи гест, како што убаво се гледа од фографијата со кој кажа…
“Македонијо – ОВА Е ЗА ТЕБЕ“.
Инаку тој денеска полни 51 година, и како прво СПОРТМЕДИА му го честита роденденот, а секако дека му ја честита и победата над Италија и влезот во финалето од плеј – офот за пласман на СП во Катар.
Фраерот од Влае. Секогаш со победнички мисли, секогаш сака повеќе, никогаш не се предава. Го цени ривалот, но се цени себе си и своите избраници уште повеќе.
По ждрепката за плеј – офот рече…
“Не се предаваме, одиме на две победи“.
Сите помислија, па добро бе човече што збориш. Прво Италија, па после Португалија, а тој во неврзан муабет со авторот на овој текст, напомена…
„Македонија е ова, одиме на две победи, ќе се видиме во Катар“.
Таков е Благоја или „СЕР“ БОБИ како што го нарекуваат домашните медиуми.
Фудбал и само фудбал. Сака и бара перфекција од себе, а потоа и од останатите околу него.
Имам чест да го познавам уште од детски денови од Влае.
Осекогаш бил победник, таков е и сега.
Осум меча на стартот како селектор и четири победи. Четири гостувања и три победи, на тоа реми со Исланд водевме со 0:2, но се случи тоа што се случи.
Па, зарем сме имале досега селектор кој во серија од четири меча на гости нема пораз?
Сме имале ли досега селектор кој во еден епски меч во Палермо просто го уништи на тактички план својот колега Роберто Манчини?
Кога во 2017 година ги однесе младите на ЕП некои рекоа демек тоа било…онака, тоа било младинско.
Сега што ќе кажат?
Јасно е, работата мора да се истурка до крај, сега сме со мислите во Порто.
Знаејќи го Благоја сигурен сум дека уште веднаш по мечот во Палермо тој почна да ја разработува тактиката за дуелот со Португалија.
Уште еднаш СРЕЌЕН РОДЕНДЕН селекторе. Посакуваме уште многу вакви епски победи.