Хероите слетаа во Скопје: Момците се скромни, цврсто газат по земја (ФОТО)

1006

Македонската фудбалска репрезентација е во Скопје. За половина час, целата нација ќе има шанса да ги поздрави момците кои вчера ги направија горди Македонци, да ги поздрават момците кои го направија невозможното, го урнаа европскиот првак Италија и се пласираа во финалето за место на СП во Катар.

„Уште сме во еуфорија без разлика што останува уште еден меч, ваквите победи за оваа нација ќе бидат засекогаш запаметени. Денеска останува да се одмориме и да прославиме, а потоа да се подготвиме за следниот натпревар“, вели капитенот, кој додаде дека е среќен за новите играчи во репрезентацијата. 

„Кога ќе дојдеш на ваков меч емоциите самите навираат од вас. Имаме млади дечки кои даваат максимум и играчи кои не беа меѓу 20, а сега покажаа дека можат да се носат со притисокот. Среќен сум што заедно постигнуваме големи резултати“, изјави капитенот Стефан Ристовски.

Селекторот, Боби Милевски е прескромен, иако вчера го надмудри Манчини. За него победата е само потврда дека работата дава „плод“, дека фаќаат чекор во друштвото на квалитетни репрезентации.

„Притисокот секогаш ќе постои, мислата да се победи секој меч е тука, во спротивно не би биле дел од спортот. Фер и коректно да се надевате на победа без разлика со кого ќе играте. Овој резултат е мотив плус, потврда дека сме на вистинскиот пат.

Секоја чест до сите што настапија и беа дел од тимот. Не треба да бидеме важни и препотентни, ние сме мала држава. Имаме цели, а тоа е да се приближиме до најдобрите во Европа, резултатите покажуваат дека сме на вистинскиот пат“. 

Македонија во вторник во Порто игра против Португалија, победникот од оваа пресметка оди на Мундијалот во Катар, сонот на секој Македонец.

ПретходноСимиќ и Барселона тргнаа победнички на евролигашкиот турнир
СледноТрајковски ја донесе топката со која ја тресеше мрежата на Италија: Да уживаме во овој момент!