Утре на „Драгао“ на мегдан излегуваат Португалија и Македонија, а победникот ќе добие билет за Светското првенство во Катар. Македонскиот селектор Благоја Милевски на пресот зборуваше за очекувањата и за начинот на кој ќе им се спротиставиме на поранешните европски прваци.
„За квалитетот на Португалија не треба да се трошат зборови. Тоа се инзвонредни играчи, не би издвоил некој посебно затоа што ги има многу. Не дојдовме тука како туристи, туку да уживаме играјќи го мечот и, се разбира, да победиме“, вели Милевски.
„Никој во светот не очекуваше дека Македонија ќе игра во финале на бараж и ќе се најде на чекор до Светското првенство. Ние во споредба со другите земји сме многу мали. Македонија ужива во овие моменти исто како и фудбалерите. Што се однесува до здравствената ситуација, сите играчи се здрави и спремни“, додава селекторот.
„Што да очекуваме во ова финале? Да уживаме и да победиме. Немам дилеми околу стартните 11, познати се. Секако дека ова е различен меч од оној со Италија. Не очекувам да биде ист затоа што Португалија игра многу поразличен фудбал. Тоа е селекција со одлични фудбалери, а ние покажавме дека можеме да играме и против ваков тип на селекции. Кој ќе оди во Катар? Ќе ви кажам утре по мечот“, изјави Милевски.
За крај македонскиот селектор додаде: „Секоја чест за другите спортови но фудбалот си е фудбал и тој е друга димензија“.
За тоа дали има спремено чувар на Роналдо:
„Се работи за најдобриот играч на светот. Како против него? Тој не игра сам туку играат уште 10. Португалија не е само Роналдо. Секако дека Португалија е фаворит иако ние на гости ги победивме и Германија и Италија“.
За крај македонскиот селектор додаде: „Секоја чест за другите спортови но фудбалот си е фудбал и тој е друга димензија“.
Натпреварот утре е со почеток од 20:45 часот.