Битка за БЕСМРТНОСТ, битка за МАКЕДОНИЈА!

214

Секогаш оваа Македонија, низ историјата имала таква среќа, одела до целта по потешкиот пат. Ние Македонците не знаеме за нешто лесно, за нешто што се вели со една нога да го прескокнеме. До нашите најголеми триумфи сме оделе по потешкиот пат. Едноставно таква ни била судбината.

Оваа генерација на фудбалска Македонија, оваа репрезентација на Македонија ја има истата судбина. Прво пречка ни беше Германија, па Италија и вечерва на “Драгао“ последната, Португалија. Па, зарем можеше ли потешко. Со право велат играчите како Стефан, Енис и Столе – ако ја минеме Португалија дајте ни го пехарот од Мундијалот, тој и не мора да се игра.

Е, па момци вечерва вас ве чека битка за БЕСМРТНОСТ, ве чека битка за МАКЕДОНИЈА!

Вие вечерва можете да му ја донесете најголемата радост на овој напатен народ во изминатите три децении од самостојноста на оваа држава.

Вие сте нашето светло за во иднинатата. Сите ние добро знаеме која е Португалија, кој е Роналдо. Но исто така добро знаеме и кои се Елмас, Ристовски, Адеми, Барди, Димитриевски, Трајковски и другите на чело со Милевски.

Вие сте нашите херои, а ако победите вечерва ќе бидете БЕСМРТНИ. Верувајте дека во иднина со децении ќе се говори за вас, ќе се раскажува за вас.

Можеме само да претпоставиме каква ЛУДНИЦА ќе биде од Скопје до Гевгелија, од Делчево до Дебар ако успееме да се пласираме на СП во Катар. Цела Македонија ќе биде на нозе, и старо и младо.

Од вас не бараме ништо посебно. Бараме само уште еднаш да одиграте како што знаете, паметно, мудро, фанатично борбено, со верба во себе.

Вие добро знаете дека ова е меч веројатно на векот за сите нас, но не се оптоварувајте со факти, истории, траддиции, статистиики.

Вие знаеме што треба да сториме.

Момци, МАКЕДОНИЈА верува во ВАС.

Момци, ова е битка за БЕСМРТНОСТ, ова е битка за МАКЕДОНИЈА.

Ви ја посакуваме сета среќа на овој свет, а Македонија ве чека на плоштадот во Скопје, да минете низ триумфалната капија како победници во една епска битка.

Битка за МАКЕДОНИЈА…

ПретходноСветот е со Македонија, Daily Mail со Спортмедиа
СледноЛапорта со една изјава им го урна сонот на навивачите