Кошаркарите на Денвер синоќа го совладаа Шарлот со 113:109 и му го нанесоа вториот пораз во последните осум натпревари во НБА лигата. Денвер го предводеше српскиот центар Никола Јокиќ со трипл дабл со 26 поени, 19 скока и 11 асистенции.
Денвер имаше предност од 13 поени на четири минути и седум секунди до крајот, но Шарлот се доближи на поен, а во неколку наврати можеше да израмни, но не успеа. Морис со поени од линијата за слободни фрлања му донесе на Денвер пет поени предност на 38,8 секунди до крајот, а Рози потоа постигна „тројка“.
Кошаркарите на Атланта ја победија Индијана со 132:123 и ја постигнаа седмата победа во последните 10 натпревари. Оклахома победи по продолжението кај Портланд со 134:131, додека кошаркарите на Мемфис го победија Голден Стејт со 123:95.
Торонто победи по продолжение против Бостон со 115:112 и ја прекинаа серијата од четири порази во меѓусебните дуели. Репторс ги предводеше Паскал Сиакам со 40 поени и 13 скока. Во другите натпревари, Кливленд го победи Орландо со 107:101 и ја прекина серијата од три порази, додека Мајами беше подобар од Сакраменто со 123:100. Сан Антонио го победи Хјустон со 123:120, а Њујорк го победи Чикаго со 109:104 за четврти последователен триумф.