„Ола Панче“! Ако ги треснеме ќе се удават во океанот од солзи!

1087

Малкумина наши фудбалери имале своја интернационална кариера тука во Португалија. Панче Георгиевски „младинецот“ на Вардар и првотимец на Балкан и Македонија Ѓ.П голем дел од кариерата ја мина во оваа земја. Настапуваше за Фелгуераш, Вилаверденсе, Портимоненсе, Гуиа, а кариерата во 2012 ја заврши во Алворенсе.

Денеска е фудбалски менаџер, живее во португалија и ја раководи агенцијата „Џаст Гол“.

„Јас буквално уживам што сум Македонец во Португалија. Срцето е полно, меракот е голем по онаа победа наd Италија. Телефоните ѕвонат, новинарите од Португалија бараат анализи, интервјуа, изјави… Како да сум и јас дел од оваа историја на нашите фудбалери. За жал поради настап во студиото на националната телевизџија вечерва ќе го следам мечот од студиото во Лисабон кое почнува два часа пред дуелот“, ни коментира Георгиевски, по нашиот повик кон него за средба и анализа на дуелот тука во Порто кој се игра вечерва од 20:45 часот на „Драгао“.

Георгиевски е човек кој нема влакна на јазикот и кој секогаш „пука“ онака како што тој ги гледа работите.

„Ние не сме свесни до каде сме. На 90 минути до СП на неколку дена по онаа сензационална победа над Италија. Момците се херои на нашата нација. Тие нема што да загубат денеска. Нема да биде лесно. Португалија е посилна од Италија на индивидуален план. Со Португалија не може да се игра само одбрана затоа што кога-тогаш ќе не пробијат, ќе дадат гол. Но, со Португалија може и да се игра. Не се неранливи – напротив! Можеме да ги спупштиме со брзи контри со триаголник Адеми-Елмас-Барди и секако ‘бомби’ на Трајковски! Од мала земја, од никакви услови за работа во Македонија, сега сме во очите на сите фудбалски работници во светот. Тоа се достигнува со храброст, знаење и многу труд“, додава Панче, своевремено шпиц за кој се веруваше дека можеби и ќе биде наследникот на Дарко Панчев.

Што би се случило со Португалија ако вечерва загуби во Порто!?

„Уффф… Национална кататсрофа! Верувајте дека ќе има многу солзи, солзи кои би создале нов ‘океан’ тука и сите би се удавиле од тага. Ова малку филмски го кажувам, но тоа на еден начин е реално. Не би можеле да преживеат нов шок по оној од Србија пред неколку месеци. Дури тука во прашање е и кариерата на еден Роналдо! Да, да… иако е самоуверен ова би го уништило! Мобилизирани се иако тоа не изгледа така. Не им е сеедно, а најмногу селекторот Сантош е тој кој предупредува на силата на Македонија“.

Во своите анализи за овдешните медиуми интересно е тоа што Георгиевски го напоменува за неговото видување околу тоа како е создадена оваа силна македонска репрезентација:

„Силата е во тоа што и претходниот селектор Ангеловски и сегашниот Милевски од многу индивидуални ѕвезди создадоа една голема ѕвезда – тоа е репрезентација! Со Милевски игравме на ЕП до 21 година, со Ангеловски на ЕП за сениори. Македонија фати контунуитет, а еве не сега и пред портите на СП“.

На крајот од разговорот Панче Георгиевски напомена дека ова се 90 минути на кои сите наши фудбалери треба да уживаат на преубавиот стадион Драгао. Дека победата над Италија е ветар во грб кој треба да го носи нашиот брод во уште една голема битка со „морепловците“ кои имаат супер тим, но и селекција која со голем респект гледа во силата на Македонија.

„Благодарам на повикот и се гледаме сите заедно во Катар со нашата Македонија на тоа СП“, за крај порача Георгиевски.

ПретходноНавивачите на Интер ќе го бојкотираат дербито со Јувентус
СледноМараш: Ќе оставиме срце на терен