Многумина не знаат, но во мај 2006 година Македонија одигра директен дуел со Португалија за пласман на едно големо натпреварување. Станува збор за селекцијата до 18 години на нашата земја кога играше елитна фаза на турнир во Загреб.
Таа генерација предводена од Иван Тричковски, Сашко Пандев, Зоран Златковски, Јован Костовски, Даниел Георгиевски, Оливер Пеев… ја прегази Хрватска, но домашните од 0:2 во финишот стигнаа до 2:2. Следеше реми без голови со Израел на меч на кој сегашниот трет голман во нашиот национален тим Кико Наумовски беше нашиот херој.
Во Самобор следеше и третиот дуел на 20 мај 2006 година. Со победа Македонија ќе одеше на завршицата на ЕП во Полска (во тоа време играа само 8 селекции на ЕП). Но, се случи една голема битка, и несреќен пораз од 3:1. Португалците предводени од Хелдер Барбоса, дојдоа до победата, а го скршија нашиот отпор и налет во последните 20 минути. Имавме 1:1 и две добри шанси за водство, но примивме гол од корнер за 2:1 кој само на нас може да ни се случи.
Таа генерација ја преводеше Илчо Ѓоргиоски како селектор во време кога ФФМ не мрдна ни со малиот прст да стори нешто повеќе. Оставени сами на себе, со стара опрема, никаква премија и поддршка. Такви беа тие времиња, кога имаше „Македонски Спорт“, весник кој беше на тој турнир за поддршка на тогашните наши големи надежи, кои беа на еден меч, 90 минути до сензација.