Искусниот италијански дефанзивец Леонардо Бонучи го обвини системот на натпреварување во квалификациите за Мундијалот како главна причина зошто Италија нема да учествува на СП во Катар. Бонучи не играше против Македонија во баражот, а „Аѕурите“ изгубија и останаа без место на Мундијалот.
„Еден меч го одлучуваше победникот, па тоа е апсурдно. За жал, тоа е патот по кој тргнавме, но тоа е луда одлука. Да играш еден меч на кој се може да се случи, како што самите видовте. Од друга страна постојат тимови кои изгубија четири или пет натпревари, a ќе играат на СП“, вели Бонучи за „Мирор“.
Италија прими гол во 92. минута и е елиминирана, а Бонучи смета дека ова е апсурдно.
„Тоа е право лудило. Сепак, ова не смее да биде алиби ниту изговор. Требаше да бидеме подобри. Од ова ќе извлечеме инспирација и да се вратиме подобри. Видовме две страни на Италија. По освојувањето на ЕУРО, јасно е дека ова е голем пораз“, додаде Бонучи.