Марио Балотели, проблематичниот напаѓач на Италија беше дел од поширокиот список на Роберто Манчини пред дуелот со Македонија во баражот за СП, но, сепак, не се најде во потесниот круг на фудбалери кои конкурираа за настап против нашата селекција.
Италија втор пат по ред нема да игра на СП, а се работи за актуелен европски шампион.
„Me боли душата, не поради тоа што не бев повикан против Македонија или Турција. СП е во декември и јас можев да бидам дел од тимот. Лоша среќа е што ја загубив можноста да играм на Мундијалот во Катар“, изјави Балотели.
Имобиле пак не успеа да се снајде во дресот на Италија, Берарди се изнапромашува, Инсиње беше „невидлив“ со што се отворија прашања дали требаше да игра Балотели.
„Луѓето се сеќаваат на мене само кога Италија ќе изгуби. Тоа е така затоа што пред мечот никој не ни помисли на мене. Го гледав мечот со Македонија и имавме добри шанси. Јас сум прилично добар пред противничките голови. Меѓутоа тоа не значи дека ќе победевме ако јас бев на теренот, но имавме добри шанси за гол. Знам дека луѓето се разочарани од начинот на кој Манчини го предводеше тимот против Македонија.
Меѓутоа не смееме да заборавиме дека неколку месеци претходно Италија стана европски шампион. Тогаш никој не очекуваше да станеме европски прваци, а тоа го направивме, сега никој не очекуваше пораз, а загубивме. Манчини треба да остане“, вели Марио.