Веспрем го памети најболниот пораз од Вардар и покрај доминацијата, па дури и во Скопје!

337

Веспрем е апсолутен фаворит според сите параметри против Вардар 1961 во осминафиналната пресметка во рамките на Лигата на шампионите. Унгарскиот тим ја има традицијата во своја корист, двата тима имаат одиграно 13 натпревари, а десет од нив завршиле во нивна корист.

Противникот на „црвено-црните“ дури доминирал на гостувањата во тврдината СЦ „Јане Сандански“, последен пат токму од Скопје си замина со убедлив триумф, минатата сезона славеше со 27-41. Тој е еден од ретките екипи, кои во поновата историја славеле со голема разлика.

Сепак и покрај оваа доминација, Веспрем го има најболниот пораз од Вардар 1961. Во финалето во Келн, сите во таборот на унагрскиот тим се радуваа дека токму против „црвено-црните“ ќе играат за тронот. Давид Дејвис, тогаш како предводник на Веспрем беше надмудрен од Роберто Гарсија Парондо, а откако не успеа да ја освои и титулата во домашното првенство дојде време за разделба.

Сега токму Дејвис е на клупата на македонскиот првак, добро го знае Веспрем, ги предупреди момци дека мораат да одиграат перфектно доколку сакаат да направат голем чекор кон 1/4 финалето.

„Мора да бидеме добри во одбрана, да им помогнеме на големаните, во напад да не ги губиме топките, со тоа можеме да победиме, мора да бидеме перфектни цел натпревар. Мора да бидеме 60 минути добри, мора да бидеме максимално сконцентирани, немаме право на грешка, еден натпревар е“, рече Дејвис.

Мечот меѓу Вардар 1961 и Веспрем е закажан со почеток во 18:45 часот.

ПретходноЛавот Адеми: Горди сме на еуфоријата која им ја овозможивме на нашите фанови…
СледноБруно Фернандеш во Јунајтед до 2027 година