За оние кои се добро упатени во мак – фудбалот, посебно во прволигашките склучувања, добро знаеја дека по завршување на средбата меѓу Работнички и Струга ТЛ (1:3) Борче Христов е екс тренер на клубот од Градски парк. Неверојатно лоша партија на “романтичарите“, катастрофален пораз, трет во низа и отказот беше врачен, тука нема дилеми. Тренерот во секој клуб го држат резултатите, и кога нив ги нема, а Христов и тоа како ги немаше, тогаш се знае што следува – разделба
Инаку Борче Христов почна со Струга Трим Лум како тренер на Работнички, тој беше промовиран на 10 ноември минатата година, и забележа пораз на гостувањето во Струга. Вчера беше 2 април и загуби повторно од Струга ТЛ. Па така сега тој веќе не е тренер на „романтичарите“ кои во наредните денови ќе бидат предводени од досегашните луѓе во стручниот штаб а за нов стратег се најавува големо изненадување, позитивно се разбира.
Инаку Работнички под водство на Христов во изминатите шест месеци одигра 12 првенствени меча, на тие успеа да победи само на четири, еднаш одигра нерешено и дури седум пати загуби. Премногу порази за клуб каков што е вториот наш најтрофеен во Македонија, или најтрофејниот кој игра во ПМФЛ, ако се знае дека Вардар сезонава игра во понизок ранг.
СИТЕ МЕЧЕВИ ПОД ВОДСТВО НА ХРИСТОВ:
Струга ТЛ – РАБОТНИЧКИ 1:0
Тиквеш – РАБОТНИЧКИ 2:0
РАБОТНИЧКИ – Ренова 0:0
Брегалница – РАБОТНИЧКИ 1:2
РАБОТНИЧКИ – Македонија ЃП 1:2
Пелистер – РАБОТНИЧКИ 0:2
РАБОТНИЧКИ – Шкупи 0:1
Скопје – РАБОТНИЧКИ 0:1
РАБОТНИЧКИ – Шкендија 2:1
Шкупи – РАБОТНИЧКИ 2:0
Ренова – РАБОТНИЧКИ 2:1
РАБОТНИЧКИ – Струга ТЛ 1:3
ВКУПНО: 12 4 1 7 10:15