Подготвени? Четвртфиналето во ЛШ почнува од Манчестер и Лисабон

117

Вечерва се играат првите четврфинални натпревари во Лигата на шампионите. Бенфика го пречекува Ливерпул, додека Манчестер Сити на домашен терен ќе го пречека Атлетико (М).

Ливерпул ја има улогата на фаворит и пред нив се големи очекувањата. Иако правилото за голови на гости веќе не постои, секогаш е добро да се дојде до победа на првиот меч, што дава самодоверба пред реваншот. Бенфика избори пласман во четвртфиналето победувајќи многу сериозна екипа како Ајакс. Интересно, првиот меч во Лисабон заврши 2:2, но „орлите“ го добија реваншот во Холандија со 1:0 и со тоа го елиминираа тимот од Амстердам.

Во исто време, Ливерпул во претходното коло го победи Интер. „Црвените“ покажаа две лица во двата натпревари. Прво победија со 2-0 во Милано, а потоа загубија со 0-1 на „Енфилд“, но со вкупен резултат од 2-1 отидоа во оваа фаза.

Бенфика никогаш не го минал четвртфиналето во овој формат на Лигата на шампионите, додека Ливерпул е исклучително силен како гостин оваа сезона во Лигата на шампионите. Англичаните досега ги добија сите 4 натпревари на гостински терен и имаат шанса да го израмнат рекордот на тимот предводен од Џо Фаган од 1983-84 година, кога забележа 5 последователни победи како гости во најсилното европско клупско натпреварување.

Мечот на „Етихад“, пак, ќе биде еден од најинтересните во оваа фаза на натпреварувањето. Еден против друг се соочуваат шампионите на Англија и Шпанија, а дополнително интерес привлекува и дуелот на две од најдобрите тактики во модерниот фудбал, онаа на Пеп Гвардиола со онаа на  Диего Симеоне.

Ова ќе биде прва пресметка на овие две екипи на европска сцена, бидејќи никогаш досега не се сретнале во еврпските натпреварувања. Сепак, двајцата тренери Гвардиола и Симеоне имаа трипати шанса да ги одмерат силите, а билансот меѓу нив е доста интересен. Шпанецот има 2 победи и 1 пораз со гол разлика 4:3. Сепак, Аргентинецот има подобри сеќавања од нивната последна средба, бидејќи го елиминираше Баерн предводен од Пеп, во полуфиналето на Лигата на шампионите во 2016 година (1:0 и 1:2).

ПретходноКанада за прв пат има најдобар играч на КОНКАКАФ
СледноФудбалерите и тренерот на Тиквеш на средба со градоначалникот на Кавадарци