Втор меч по ред и втор хет-трик за Карим Бензема. Прво му даде три гола на ПСЖ во победата на Реал со 3:1 на „Сантијаго Бернабе“, а вечерва му даде и три гола на Челзи на „Стемфорд Бриџ“ во триумфот на својата екипа од 3:1. Притоа урна и рекорди.
Прво, сo 34 години и 108 денови тој е највозрасниот реализатор на хет-трик во историјата на ЛШ.
Второ, Бензема сега има 11 голови во Лигата на шампионите оваа сезона со што е најдобар француски стрелец во елитната лига. Зад себе ги остави Трезеге (2001/02), Висам Бен Једер (2017/18) и Килијан Мбапе (2020/21) кои имаат по осум. А севкупно гледано, заедно со претходницата – Купот на шампионите Бензема го помина и легендарниот Жист Фонтен кој во 1958/59 реализирал 10 гола.
Натаму – со вечерашните три гола тој има 82 гола во ЛШ и е четвртиот фудбалер во ова натпреварување со 80+ голови.
Инаку вечерашниот хет-трик му е четврти во ЛШ и сите му се во дресот на Реал Мадрид (првиот против Оксер во декември 2010 година, вториот против Малме во декември 2015 година, а другите два оваа сезона против ПСЖ и Челзи).
Севкупно гледано во досегашниот дел од сезоната, вклучувајќи ги сите натпреварувања Бензема реализираше 37 гола на 36 меча што е негов нов личен рекорд.