Завршниот турнир од АБА 2 лигата (13-17 април) кој ќе се одржи во Скопје ќе има и хуманитарен карактер, најавија денеска од КК МЗТ Скопје Аеродром. Од клубот велат дека продажбата на карти за сите средби ќе оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, која потоа ќе ги пренасочи собраните средства онаму каде што е најпотребно. На тој начин МЗТ Скопје А. заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддаде почит на голем навивач и кадетски и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, кој неочекувано почина пред 10 месеци.
Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари, кој важи за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари.
„Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“. Продажбата на билетите почнува в четврток (7 април), а ќе може да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, преку продажните места на МК Тикетс во Скопје и низ целата Македонија, како и на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“, се вели во клупското соопштение.