Футсал тимовите на Арбен Бајрами и Карадаку утре во спортската сала Автокоманда во Скопје ќе ги одмерат силите во финалето од футсал Купот на Македонија.
Двете екипи ќе се борат за својот прв трофеј во натпреварувањето. Шкупи е последниот освојувач на пехарот во Купот на Македонија во футсал.
На патот до финалето, КМФ Арбен Бајрами во 1/8 финалето забележа победа од 3:2 против КМФ Астибо, во следното коло со убедливи 8:2 славеа против КМФ Железарец, додека во 1/2 финалето беа подобри од актуелниот првак, Шкупи со 9:8.
Карадаку во 1/8 финалниот меч го победи Црешово топче со 7:3, а славеше со 7:2 против Велес со дуелот од четврфиналето. Убедлива победа остварија во дуелот против Шкендија, 9:4 во полуфиналето.
Финалето е закажано во 21:00 часот. Натпреварот во директен пренос ќе се емитува на ТВ платформата на ФФМ, tv.ffm.mk.