УЕФА на денешниот состанок во Нион го реформира финансискиот фер-плеј систем со воведување на нови построги мерки кои ќе важат за клубовите од наредната сезона.
УЕФА оцени дека новиот модел ќе придонесе финансиска издржливост за клубовите кои се соочија со проблеми по пандемијата, но и доминација од финансиски моќните клубови кои наоѓаа начин да го заобиколат претходниот фер-плеј систем.
Никој нема да може да троши повеќе од реалниот приход, без можност акционерите да влезат со помош за да го покријат минусот, меѓутоа наместо сегашните 30.000.000 евра на три финансиски години, дозволениот минус ќе изнесува до 60.000.000 евра.
По примерот на американскиот модел, клубовите нема да можат да потрошат повеќе од 70 отсто приходи на плати на играчи, со важна напомена дека таа промена во потполност ќе се реализира дури во 2025 година, а дотогаш клубовите имаат можност да се прилагодат на барањата.
До 2023 година клубовите ќе можат 90 отсто од заработката да ја трошат на плати на фудбалерите, додека во 2024 година таа граница ќе се намали на 80 отсто, а во 2025 ќе изнесува 70 отсто.
Клубовите ќе бидат подлежни на контроли на секои четири месеци и оние „непослушните“ ќе се соочат со санкции во вид на исклучување од европските купови, губење бодови во националните првенства и друго.