Во исклучително интересен и неизвесен натпревар до самиот крај, одбојкарите на Вардар славеа со 3:2 над екипата на Универзитет во Тетово и се пласираа во машкото финале на Купот на Македонија. Избраниците на тренерот Марјан Трајковски слабо го отворија полуфиналниот меч и дозволија тетовци да го освојат стартниот сет за предност од 1:0.
Во вториот и третиот сет, скопските “црвено-црни” успеаја да се вратат во ритам и по голема борба да направат пресврт за 2:1 во сетови.
Драмата во салата “Јасмин” продолжи и во четвртиот сет, во кој УТ одигра одлично и со пристојна предност од 6 поени го реши сетот во своја полза за да се избори за тај-брејк.
Во клучниот петти сет драмата беше најголема. Сетот се играше 22 минути, тренерите искористија по два тајм-аути, а на крајот “вардарци” за влакно беа подобри, го добија сетот на разлика со 18:16 и се изборија за финале в недела.
КУП НА МАКЕДОНИЈА ПОЛУФИНАЛЕ: Кавадарци, сала “Јасмин”
ВАРДАР – УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО 3:2 (21:25, 25:23, 25:20, 19:25, 18:16)
Вардар: Блажовски, Акбари, Стојановиќ, Лепидовски, Гирлиќ, Ракша, Стошиќ, Владов, Клопчевски, Димковски, Аврамовски
УТ: Димчевски, Убипарин, Бошков, Тера, Заковски, Ислами, Гафури, Мисовски, Ѓорѓевски, Симовски Ј., Симовски Д.