Огромен скандал може да избие во англискиот фудбал, конкретно поврзан со Манчестер Сити и актуелниот селектор на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини. Германскиот весник „Шпигел“ објави документи кои покажуваат дека поранешниот менаџер на тимот, а сега селектор на Италија, земал дел од платата „под маса“.
Изданието тврди дека Италијанецот потпишал два договори, од кои едниот бил фиктивен договор за консултантски услуги. Роберто Манчини дојде во Манчестер Сити во 2009 година и на кормилото на тимот остана до 2013 година, а во 2012 година успеа на „граѓаните“ да им ја донесе првата титула по 44 години.
Извештајот на „Шпигел“ ги детализира бројките во договорот меѓу Роберто Манчини и клубот, приложувајќи копија од договорот. Според него, Италијанецот требало да добие годишна плата од 1,4 милиони фунти плус додатоци од 4 милиони фунти. Истиот ден, Манчини потпишал уште еден договор за консултантски услуги од 1,7 милиони фунти со Ал Џазира кои требало да се платат без да се одбијат даноците.