Работнички го запиша 13. пораз оваа сезона, во последниот меч од Првата лига беше убедливо совладан на гостувањето кај Куманово со 72-54. Во таборот на најтрофејниот кошаркарски колектив го немаше Американецот, Дион Едвин, што пак се одрази во играта.
Иако пред самиот крај веќе беше познат победникот, сепак на теренот „летаа искри“, судиите доделија четири технички грешки. Марковски направи лична грешка врз Јузбашиќ, кој изреагира бурно. На теренот настана мала мешаница која беше брзо смирена. Технички грешки заработија Јузбашиќ и Волканоски, по една техничка грешка имаше и за клупата на двата тима.
Куманово доминираше речиси во текот на целиот меч, поведе со 22-13 по првата четвртина, на одморот замина со плус 13 (38-25). До крајот не дозволи пресврт, дојде до шестата победа оваа сезона.
Овие два тима одново ќе се сретнат, и тоа во плеј-аутот. Марјановиќ и Јузбашиќ беа лидери кај Куманово, заедно постигнаа 31 поен. На другата страна Начевски имаше 14 поени, Балмазовиќ 12.