Два меча и две победи без примен гол на новиот тренер на Работнички, Стојан Игњатов Тинте со своите “романтичари“. По онаа блескава победа над Брегалница и Илчо Ѓорѓиоски, попладнево на Арената “Тодор Проески“ Тинте Игњатов и Работнички со 1:0 го победија Тиквеш на Влатко Костов.
Добар меч по влажниот терен, со шанси на двете страни, треба да се каже дека според играта Тиквеш може да жали што не успеа да дојде барем до бод.
И денеска играч на мечот беше Методи Максимов, кој беше стрелецот на единствениот гол на овој натпревар.
Инаку Тиквеш подобро го отвори натпреварот. Нгоба и Тодоров имаа две добри шанси за гол, едната по киксот на одбраната на домашните. Имаше и уште една шанса Тиквеш, но кога нема да се реализираат следува казна. А таа казна стигна во 30.минута со мајсторискиот гол на Методи Максимов, кога од мртов агол, од десната страна со десната нога шутираше фантастично во мрежата на Димовски.
Со тие 1:0 се замина на пауза.
Во вториот дел играта целосно се отвори. Следуваа добри акции, комбинации од двете страни, а кога се игра така тогаш нормално е да се има и шанси. Во 66.минута домашните преку Ришевиќ можеа да поведат со 2:0, а потоа и Зејнулаи се закани.
И Тиквеш имаше барем три можности, од која најубава беше онаа на младиот Тасев. Во судиското продолжение Родригез можеше да постигне гол за 2:0, тоа беше идеална шанса за “романтичарите“.
Сепак овој прв натпревар од 27.коло заврши со резултат 1:0 за Работнички.