Фудбалскиот клуб Барселона наредната сезона ќе ги игра домашните натпревари на стадионот „Монжуик“ на кој некогаш играше градскиот ривал Еспањол. „Блауграна“ се сели од „Ноу Камп“ затоа што е предвидена реконструкција на стадионот на каталонскиот гигант.
Договорот за реконструкција на стадионот е постигнат кога се потврди и соработката на клубот со компанијата Спотифај. Тоа ќе се случи од наредната сезона, а стадионот ќе го добие името „Спотифај Ноу Камп“.
Реконструкцијата ќе чини 1,5 милијарди евра, а „Ноу Камп“ ќе се претвори во стадион за 105.000 места за седење. Стадионот ќе има и спектакуларен кров прекриен со 30.000 еко-френдли соларни плочи кои ќе собираат енергија која ќе ја користат новите видео бимови но и други уреди.
„Монжуик“ е изграден во 1927 година, а реновиран во 1989 година за потребите на Летните Олимписки игри во 1992 година. Еспањол ги играше своите натпревари на овој стадион од 1997 до 2009 година, а потоа се пресели на новоконструираниот РЦДЕ Стадион.
Шпанскиот национален тим тука има одиграно осум пријателски натпревари, последниот во 2004 година, а и националниот тим на Андора има одиграно три квалификациски средби на истиот стадион од кои две со Англија во 2007 и 2008 година.