КОМЕНТАР НА 27.КОЛО: Чаир ќе слави титула на 23 април….некој НОВ Работнички!

617

Пишува: Зоран Ѓоршоски

На 23 април, сабота попладне, сите патишта во Чаир ќе водат кон стадионот. По цели две децении на овој култен стадион, ќе се слави титула, ќе се слави освојување на шампионската титула во Македонија.

Иако има да се одиграат уште шест кола, Шкупи, тимот на стратегот Гоце Седлоски и неговите играчи си ја завршија работата. Имено имаат 13 бодови предност, значи математички им недостигаат уште две победи. Па така ако се знае дека чаирчани следниот викенд гостуваат кај Пелистер во Битола, јасно е дека на 23 април на мечот со Ренова, во случај на триумф, Шкупи и официјално ќе биде новиот првак на Македонија, и ќе биде тимот кој што од 2015 година конечно ќа ја разбие доминацијата на Шкендија и Вардар.

Вчера Шкупи победи против Борец со 3:1 и направи голем чекор кон титулата. Нема веќе дилеми кој ќе биде шампион.

Седлоски може да биде задоволен, вчера имаше причина за славење, покрај победата тука беше и роденденот.

Ете што значи позитивна шок – терапија. Со Стојан Игњатов – Тинте и неговиот соработник Вангел Алтипармаковски на клупата, како да гледаме некој нов Работнички. Разигран, игра на гол повеќе, два меча, две победи, четири голови и ниту еден примен, а Максимов блеска ли блеска.

Да, Тиквеш имаше шанси, заслужи можеби бод, но кој ли ги памети шансите, бодовите се паметат, победите секако.

Шкендија одново во стилот топло – ладно. Вчера четата на Артим Шаќири ја имаше победата в рака, но ете, Ренова покажа како треба со Шкендија.

Македонија ЃП дома против Брегалница загуби два златни бода во битката за Европа. Сепак има уште да се игра, но факт е дека “лавовите“ во последно време како да “поткашлуваат“, не е се оние како до пред неколку кола кога никој ништо не им можеше.

Академија Пандев го совлада Пелистер со 2:0, им се врати на победите и сега уште е во игра, и тоа како, за излез во Европа.

Струга ТЛ конечно победи. Еден гол беше сосем доволен за насмевки во редовите на стружани, кои со победата над Скопје се чини дека и дефинитивно ги разрешија сите дилеми околу опстанокот.

ПретходноПаника во Милан: Дали ова е крај…Златан поради повреда ја завршува кариерата!?
СледноФутсал: Македонија ќе одигра две пријателски средби со селекцијата на Франција до 23 години