Марија Ковачева
Откако СПОРТМЕДИА утринава дојде во СЦ „Борис Трајковски“ пред тренингот на македонската ракометна репрезентација и направи фотографии од теренот на оваа национална Арена, која по концертот на музичка ѕвезда од соседството изгледаше на КОЧИНА, раководството на истата излезе со соопштение.
Господата задолжени за оваа Арена, тврдат дека салата била чиста, а ние новинарите не сме виделе, сме користеле слики од стручен штаб, кои не се веродостојни. Наместо јавно да се извинат што не знаат да менаџираат со Националната Арена во која се славеле големи успеси, во здрав памет, нас новинарите не прават глупави и слепи.
Дами Господа, нема да дозволиме некој да ја погазува нашата професија и нашата професионалност. Утринава дојдовме со една цел, да ја извршиме нашата задача, да земеме изјави од играчите, а кога влеговме, ја видовме сликата за која не сонувавме.
Ќе биде подобро, раководството на СЦ „Борис Трајковски’ да се извини јавно на новинарите за оваа информација и да си ја признае грешката. КОЧИНАТА е снимена, не од еден новинар, туку од сите кои утринава беа присутни во салата. Раководството треба да се засрами и навреме требаше да ја исчисти салата во која најдовме пикавци, женски чорапи, решетки од замрзнувачи, високи маси за стоење….оти ние не правевме забава утринава.
И на крај, јас како главен и одговорен уредник на СПОРТМЕДИА (Марија Ковачева), среќна сум што придонесов и ве натерав да ја исчистите салата, а ракометарите да тренираат во нормални услови.