Кузмановски: Нема да калкулираме, во Злин одиме по цел плен!

80

Македонската ракометна репрезентација од денеска е комплетен состав ќе се подготвува за првиот дуел против Чешка, кој се игра во Злин на 13. април. Во стројот се приклучија Филип Кузмановски, Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Никола Митревски.

Чешка е добро познат противник, една од оние репрезентации со кои Македонија во минатото често пати играла, а има добро и лошо искуство. Времето за подготовка е кратко, но нашите момци максимално се посветени на оваа последна мисија за место на Светското првенство 2023 година.

Филип Кузмановски, еден од стандарните репрезентативци потенцира дека нема да калкулираат, напротив одат по победа.

„Чешка веќе ни доаѓа како традиција, не знам колку пати веќе сме играле со нив и квалификации и на првенства. Доаѓаат со нов тренер, мала предност за нас е што првиот меч ќе го играме таму, ќе одиме и таму на победа, како и на секој натпревар. Нема да калкулираме со резултат во смисол да гледаме да изгубиме со што помала разлика, па после во Скопје да бркаме. Ќе одиме и таму да победиме. Гледавме видеа, немаме време. Видовте и сами, јас синоќа имав натпревар и веднаш потоа патував за Македонија. Имаат некој нов систем со новиот тренер, квалитетен е, не смеат да се потценат. Долго време се заедно, имаат квалитет. Ако се споредиме како игравме со Романија дома и таму… Во добра форма сме во клубовите, верувам дека ќе пружиме два добри натпревари и ќе се пласираме на светско“, ни изјави Филип Кузмановски, кој вчера со осум гола го предводеше Хановер до реми против Фуксе Берлин на гостински терен. 

Нашите ракометари за Злин патуваат утре (17:40 часот) со чартер лет до Острава, а од таму со автобус ќе стигнат до крајната дестинација.

ПретходноСудиската комисија со потврда: Имаше пенал во Ѓорче за “лавовите“
СледноЗа пласман на СП 2023 година, РФМ ќе ги награди ракометарите со премија од 50.000 евра